Треперење помеѓу две подадени дланки
Синопсис
„Треперење помеѓу две подадени дланки“ ја раскажува љубовта на Антон Чехов и Олга Книпер низ средби, разделби, писма и театарски сцени. Меѓу Москва и Јалта, желбата за заеднички живот се судира со болеста, семејните притисоци и посветеноста на уметноста. Во средиштето е Олга — актерка и жена која се обидува да ја сочува љубовта без да се откаже од театарот. Во нереален меѓупростор, каде што времето и смртта не ги прекинуваат разговорите, драмата ги преплетува нежноста, љубомората, вината и копнежот по недоживеаната блискост.
Извадок — Почетниот монолог на Олга
ОЛГА
Да се биде нечија муза, нечие сѐ, да се биде бескрајно сакан и бескрајно омразен. Да се биде жив и мртов истовремено.
Ова е мојата приказна... Една жена и еден маж, раздалечени илјадници километри, а сепак толку блиски некаде во далечината.
Јас, Олга Книпер, Чеховата германка Олга, цел живот го носам теретот на една безгранична љубов, цел живот во шест кратки години...
22 март 1959 година, Москва. Многу долго не сум ти пишала. Чувствувам како да ме повикуваш. Мислам дека наскоро конечно ќе бидеме заедно. Најмил мој писателе. Времето престана да минува во мигот кога те загубив. Доаѓам мил мој Антоне. Доаѓам...