DLN

Мајмунот што стана крал на луѓето

Политичка сатира · Драма-будалаштина · Шест сцени

Синопсис

По десет години експерименти, професорот Герасим создава уред што му овозможува на мајмунот Вуле да зборува. Но научниот триумф набргу се претвора во политички спектакл: разочараниот народ во Вуле препознава спасител и го избира за крал. Ветувањата за слобода и еднаквост стануваат апсурдни декрети, надзор и страв. Кога Владимир поведува бунт против него, се отвора прашањето дали смената на владетелот навистина го менува системот. Оваа „драма-будалаштина“ ја вклучува публиката во приказната за популизмот, послушноста и одговорноста на оние што ја предаваат сопствената моќ.

Во поширокиот избор за наградата Aurora 2026, Полска.

Извадок — Трета сцена: Првите декрети

ВУЛЕ
(во микрофонот, авторитарно)
ДЕКРЕТ БРОЈ ЕДЕН!
Од денес сите улици ќе се викаат:
„УЛИЦА МАЈМУНСКА“!

(пауза за ефект)

ДЕКРЕТ БРОЈ ДВА!
Сите граѓани мора да одат
како што одам јас —
или воопшто да не одат!
ДЕКРЕТ БРОЈ ТРИ!
Забрането е критикување на кралот
на јавни места!

НАРОД + ПУБЛИКА
(шок, неверување)
Што? Зошто?
Не го вети тоа!
Ова е лудост!

ХОР
(мрачно)
Но кој ќе му се спротивстави?
Кој има храброст?
Кој има сила?
Мајмунот ги држи конците...

(Од хорот излегуваат неколку СОВЕТНИЦИ — носат мали мајмунски опашки како симбол.)

СОВЕТНИК 1
(нервозно)
Ваше Величество...
Можеби улиците треба да имаат броеви?
За поштата... за навигацијата...

ВУЛЕ
(гневно)
Не! Не сакам броеви!
Броевите се збунувачки!
Сите освен... освен нулите!
(се воодушевува)
Сакам нули!
Многу нули!
Кога ги гледам банкарските изводи,
сакам да видам многу нули
по првата цифра!