DLN

Анна

Театар Комедија · Режија: Нина Николиќ · 2025

Вториот дел од Трилогија за „љубовта“ — нова драма за современата жена, премиерно изведена во Театар Комедија. Во 2026 година ја доби наградата Гран при на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Златен лав“ во Умаг.

Синопсис

Анна има навидум совршен живот: удобен дом, општествен статус и брак со влијателен државен службеник. Но зад сигурноста се кријат осаменост, потиснати желби и живот подреден на туѓите очекувања. Средбата со помладиот Алексеј ја отвора можноста за поинаков живот — и ја соочува со цената на одлуката да го избере.

Обидувајќи се да го напушти бракот, Анна се судира со моќта на сопругот, заканата дека ќе го изгуби синот и општество кое женската желба ја претвора во морална вина. Но ни новата љубов не е едноставно ветување за слобода. Во потрагата по сопствен глас, таа станува јавно препознатлива преку видеа за љубовта, манипулацијата и женската независност — сè додека нејзината приватна приказна не стане предмет на јавно судење.

Инспирирана од „Ана Каренина“ на Толстој, но не и нејзина драмска адаптација, „Анна“ ги преиспитува љубовта, мајчинството, привилегијата и правото на избор. Тоа е драма за жена која се обидува да престане да биде лик во туѓите претстави за среќа — и за општеството кое бара да ја казни за тоа.

Извадок од драмата — сцена 3

АЛЕКСЕЈ В.
Каков е тој живот?

АНА
Нормален. Стабилен. Безбеден.

АЛЕКСЕЈ В.
Среќен?

Долга пауза. Ана гледа во чашата.

АНА
Тоа не е релевантно прашање.

АЛЕКСЕЈ В.
Зошто не?

АНА
Затоа што среќата е луксуз на привилегираните.

АЛЕКСЕЈ В.
Или храбрите.

АНА
Исто е.

АЛЕКСЕЈ В.
Не е исто.

Ана погледнува кон него.

АНА
Зошто ми се јави?

АЛЕКСЕЈ В.
Затоа што од онаа вечер не можам да спијам.

АНА
Тоа не е мој проблем.

АЛЕКСЕЈ В.
Не е?

Нивните погледи се судираат. Хемијата меѓу нив е очигледна.

АНА
Не.

АЛЕКСЕЈ В.
Ама ти се тресе раката.

Ана гледа во своите раце. Навистина треперат. Ја остава чашата на масата.

АНА
Имам испиено многу кафиња.

АЛЕКСЕЈ В.
Ана...

АНА
Не ме викај така.

АЛЕКСЕЈ В.
Како да те викам?

АНА
Никако. Не треба да ме викаш никако.

Ана станува од столот, како да бега.

Морам да одам.

АЛЕКСЕЈ В.
(исто така станува)
Ана, почекај.

АНА
Ова е грешка.

АЛЕКСЕЈ В.
Зошто е грешка да се чувствуваш жива?

АНА
Затоа што не сум слободна да се чувствувам жива!

За целосниот текст и информации за изведување, контактирајте ја авторката.

Поврзани објави

Прес

Неверата и што по неа

2026-02-02

Во рецензија за „Елементи“, Сашо Огненовски ја разгледува „Анна“, по текст на Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ и продукција на театар „Комедија“. Освртот се задржува на животот по неверството, камерниот режисерски пристап, актерските остварувања и визуелниот и музичкиот израз на претставата.

Отвори објава